Thursday, September 19, 2013

ЦАНЕ ЛАЖОТ тв сценарио за „Авантурите на Итар Пејо“

 ЦАНЕ ЛАЖОT
 Наташа Мирческа Јануари 2013

  ЛИКОВИ
   ПЕЈОСТАР
   ПЕЈО МЛАД
   ЦАНЕ ЛАЖОТ
   ЦАНЕЈЦА – жената му на Цане лажот

  1. СЛИКА. Дома кај Пејо. Лето, жега. Пејо се туфка, пладне ќе фати никој сеуште не му дошол кафе да се напијат. Ѕирка на кај дворот, да не види некој да го свика, муабет да скрши. Негодува. Отвара по долапи, бара нешто...

 ПЕЈО СТАР: Човек не остана во селово, човек...На времето се знаеше, петлите ќе се огласеа, оп кафенцето, ракиичката...А, бе еднаш не сум шмркнал тропа некој на врата...Прв e Спасе. Катара! Спие со отворени очи и начулени уши. А, се фати некој за гезве, рипа и трча...Море, море што кафе ми испи... Ај да си направам јас едно. (зема да си вари кафе) Ќе сварам цело гезве . Да не дојде некој, ако не цел ден ќе си пијам! (вари кафе и си пее на глас. Тамн да стаса кафето вика некој по него)
ЦАНЕ ЛАЖОT: ( се слуша не се гледа) Пејо. Пејооо. Пејооооо!!!
ПЕЈО МЛАД: Пекнал та пукнал! Што викаш. Кафето ми претече заради тебе! Ама време одбра за викање....И сега...Кајмакот ми појде....Море, море недарбина. Кој е?
 2.СЛИКА. Пред порта стои Цане Лажот. Носи две полни вреќи. (не се гледа што носи, лубеници се) Се обѕрнува на сите страни, нетрпелив е Пејо да му отвори. Само што Пејо ја отвара портата се втурнува во двор, ги весува и вреќите.
ПЕЈО МЛАД: Ах, ах, ах. Од сите луѓе на светов баш ти мораше да дојдеш. (му се развикува) Море, кафето ми го претече. На што личи така од пред порта да викаш: Пејо! Пејоооо! Не знаеш да тропниш! Така со убаво ако треба да свикаш! Давај ако носиш кафе да сварам, оти моето ми го претече.  
ЦАНЕ ЛАЖОT: Добро де добро, не викај. Еве, утре ќе одам во Битола, ќе купам убаво пресно, тазе мелено. Цело пакетче сто грама неотворено плус со наут!
 ПЕЈО МЛАД: А, бе тебе како те викаа? Цане Лажо, а! Не да лажеш, сушиш. Кафе од Битола, утре, ќе ми донесеш?! Зошто? Во Прилеп нема кафе??? Занаетот си го изучил скроз.. .Сакаш кафе?  
ЦАНЕ ЛАЖОT: Ако е со кајмак колку палецот твој сакам.
 ПЕЈО МЛАД: А, бе каков палец! Сум сварил кафе вол да стапне ќе пропадне, ама нема да се удави оти јас кафе варам со кајмак најдолу! (заминуваат да влезат во собата, Цане вреќите ги подприбира зад порта)
 3.СЛИКА. Дома кај Пејо седат на маса, пијат кафе. 
ПЕЈО МЛАД: Ај на здравје да ни е! Немој цел кајамк да го пиеш. Остави малку кога ќе го мијам фиџанот да имам со што да го истријам!
ЦАНЕ ЛАЖОT: (го брцка прстот во талогот да види колку има, му го покажува) Доста е толку од кајмакот да оставам. 
 ПЕЈО МЛАД: Не, врати малку, да наима. (Цане Лажо се обидува талогот од прстот да го врати во филџанот, Пејо му се чуди) И што носиш во вреќите?
 ЦАНЕ ЛАЖОТ: И да ти кажам нема да ми веруваш.
ПЕЈО МЛАД: Ами така е до душа, ама ај кажи да видам што лага ќе ми врзеш.
 ЦАНЕ ЛАЖОТ: Лубеници, ама недозреани!
 ПЕЈО МЛАД: Ајдеде! Од кај знаеш! Одозгора зелени се?!
 ЦАНЕ ЛАЖОТ: Аха, зелени, многу зелени. Треба еден месец на чардак на сонце да ги чувам. ПЕЈО МЛАД: Море, мозок. Еден месец на чардак, да ги сончаш...за да узреат. Ееее, мене ова нема да ми текнеше. А зошто ти се зрели?
 ЦАНЕ ЛАЖОТ: За дедо ми! ПЕЈО МЛАД: Господ да го прости. Тој послаб лаж беше од тебе. ЦАНЕ ЛАЖОТ: Господ да го прости. Не зборувај така за дедо ми, по лаж од него немаше до, до, до....
ПЕЈО МЛАД: До мовчено од Црна! Ти поарен од него излезе, ама умре чоекот не разбра.
ЦАНЕ ЛАЖОТ: Остави го сега тоа, не се за тој дедо, туку онај проклетиот, од Прилеп што е. ПЕЈО МЛАД: Оф, оф , оф, па ти на мака си бил! Еј диги Цане, лажу, белосветски. . Да не го труеш со зелени лубеници!?
ЦАНЕ ЛАЖОТ: Не, бе. Не оваа недела, не другата, е та по незе што иде, ќе ни дојде на гости. Па ми прати абер Да е ем зрела, ем блага ама и лична.
ПЕЈО МЛАД: Оф бе, кај лаж сега и арамија стана. .
ЦАНЕ ЛАЖОТ: Жими честа не те лажам! Од сите ниви само по една скинав.Чардакот мој од четири страни сонце го греј, цел ден и цела ноќ ќе бидат на сонце...
ПЕЈО МЛАД: Гледам јас магарињата ќе ги јадат лубенициве.
ЦАНЕ ЛАЖОТ: Аааа, не. На тој намќор ќе му ја расечам најубавата, да пукни од мака.
ПЕЈО МЛАД: Знам јас еден марифет, грешка нема.
ЦАНЕ ЛАЖОТ: Вистина?! Кажи де!
ПЕЈО МЛАД: Марифет не се кажува.
ЦАНЕ ЛАЖОТ: Кажи Пејо, ко брат те молам. Што сакаш ќе ти дам за марифетот.
ПЕЈО МЛАД: (му светнуваат очите, се смее под мустаќ) Да ти кажам велиш?...Ама на никој збор да не кажуваш. Ако кажеш марифетот нема да се фати.
 ЦАНЕ ЛАЖОТ: На никој, збор с-кн! Чесен збор.
ПЕЈО МЛАД: Ама...
ЦАНЕ ЛАЖОТ: Ама...
 ПЕЈО МЛАД: Од утре па до саботата пред неделата, пред да ти дојде дедо ти, Цанејца секој ден по еден зелник да ми меси. Кога ќе ми го носиш зелникот, ќе носиш и едно каначе кисело млеко и бокалче, поголемо,вино. Бидува!
ЦАНЕ ЛАЖО: (не ни размислува) Бидува.( му пружа рака)
ПЕЈО МЛАД: Слушај сега и добро запамети, се што ќе ти кажам така по ред ќе правиш. ( се обѕрнува и му шепоти некој да не го слушне) Од вреќине ќе ја одбереш најмалата лубеница. Кај тебе во двор ќе ја закопаш на некое скришно место, никој да не те види. Три пати во денот ќе и тураш по една кофа вода, на утро, на пладне и кога ќе се стемни. Од кога ќе и туриш вода ќе и туриш и кило шеќер и еден прст сол, да не дојде преблага. Разбра!
 ЦАНЕ ЛАЖОТ: Разбрав и после...
 ПЕЈО МЛАД: И после ќе дојдам да го зваршам марифетот. Внимавај да не згрешиш. Ај сега, заминувај и како што ти реков...Утре зелникот донеси го...

 4.СЛИКА. Цане во дворот оди, Пејо по него. Кај лубениците зад порта.Ги мерат од око лубениците, која е најмала. Се гледа кај што Цане Лажот ја одбира најмалата лубеница и си оди, Пејо зема друга, вади нож од појас си ја сечи си седнува да ја јади и си се смее) 

5.СЛИКА. Се гледа како Цане Лажот ја закопува лубеницата, и тура вода, шеќер, сол. Се појавува Цанејца, гледа што прави, се крсти. 

Цанејца: Цане што правиш?
ЦАНЕ ЛАЖОТ: Шшшшт! Доста мори! Што ти е гајле!. А ти што бараш овде немаш друга работа?
 ЦАНЕЈЦА: (се обидува да види што први, не и е јасно) Имам работа имам. Ене квасец зафатив еден зелник да месам.
 ЦАНЕ ЛАЖОТ : Не еден, два!
ЦАНЕЈЦА: Зошто два?
 ЦАНЕ ЛАЖОТ: Сакам секој ден по еден цел зелник за мене. 
ЦАНЕЈЦА: Да не почниш да се гоиш?! Ти не си токму.
 ЦАНЕ ЛАЖОТ: Кога ќе дојде време се ќе ти кажам, сега опасно е! Ти меси по еден зелник на ден, ко за мене, и ич не му ја думај. Што е наше само ќе си дојде. (си се смее) Море, море кога ќе дојде...
 ЦАНЕЈЦА: Не месам!
 ЦАНЕ ЛАЖОТ: Како мори не месеш! Кога ти велам јас ќе месеш!
 ЦАНЕЈЦА: Дури не ми кажеш зошто не месам.
ЦАНЕ ЛАЖОТ: Слушај да ти кажам...(налутено, па омекнува) За тате, еребице моја, за тате! Нели ќе дојде кај нас на гости.
 ЦАНЕЈЦА: А-а-а на тате стоени зелници не му давам, тогаш ќе му месам.
ЦАНЕ ЛАЖОT: Оф, леле, ти ништо не разбираш. Зелниците се за мене! Оди оди сега меси, секој ден по еден и кога тате ќе дојде еее, со се најубаво ќе го почестиме. Оди, верувај ми? Кога сум те излажал!

 6.СЛИКА. Се гледа како Цане Лажот, во дворот на лубеницата и тура вода, шеќер и сол,а потоа на Пејо му носи зелник, кисело млеко и вино. 

7.СЛИКА. Кај Цане Лажот во двор. Сабота. Цане дреми под сенка, Цанејца треси, работи, се подготвува за гостинот,татко и утре ќе им доаѓа. Пејо влегува на рамо носи вреќа, не се гледа што (една лубеница, поголема).

 ПЕЈО МЛАД: Ај добар ден!
ЦАНЕ ЛАЖОТ: (Скока како иштрекан) Добар ден, бујрум! Мореее од кога не си дошол! (се поздравува со него и му намигнува, прај ишарети, демек работава завршена)
ПЕЈО МЛАД: Цанејце, како си се расчистила, како за Велигден!
 ЦАНЕЈЦА: Готово, завршив. Сега ќе одам да месам.
ПЕЈО МЛАД: Зелник! ЦАНЕЈЦА: Да, зелник и тоа со праз и сирење!
 ПЕЈО МЛАД: Ох,ох, ох..за мерак. Само да ти речам нешто ама да не се лутиш. Може. ЦАНЕЈЦА: (се чуди) Што?
 ПЕЈО МЛАД: Витките, многу големи се. Помали прај ги.
 ЦАНЕЈЦА: (се смее мисли се шегува со неа) Да не пукнеш, само нешто да кажеш! (заминува да меси зелник) (Цане Лажот го трга Пејо настарана, да не продолжува со муабет)
ЦАНЕ ЛАЖОТ: Пејо, се фати марифетот? Сигурен си? Да не излезам будала пред оној намќорот прилепски, душата ќе ми ја извади!
 ПЕЈО МЛАД: А, бе ти будала си од мајка, згора на тоа и лаж па така ич не се секирај.Еве од тука мирисам ,не дека е зрела, презрела е. Не да е слатка, преслатка е, а за лична збор нема. Туку земај лопата.
ЦАНЕ ЛАЖОТ: Зошто?
 ПЕЈО МЛАД: И еден појас за на очи да ти одговара.
 ЦАНЕ ЛАЖОТ: (молкни од џебот некој партал) Овој арен е? Лопатата онде е. (покажува)
ПЕЈО МЛАД: Кажи ми кај ја закопа лубеницата? (Цане Лажот му покажува)
ПЕЈО МЛАД: Ќе ти ги врзам очите, ама и ти да мижиш. Немој случајно да си се испулил, се ќе расипеш. Јасно. И ќе те однесам онаму и ќе копаш се додека не ја ископаш лубеницата. Оти и тураше толку време зајре сега таа еее дури до долу е , до центарот на земјата.
ЦАНЕ ЛАЖОТ: Навистина?
 ПЕЈО МЛАД: Навистина, навистина, ами како! ( му ги врзува очите му ја дава лопатата и Цане почнува да копа)

8.СЛИКА: Пејо Млад, дреми под сенка кај Цане Лажот во дворот. Одвереме на време ќе погледне да види Цане што прави. Цане копа ли копа, не се гледа, внатре е во дупката. По некое време станува, ја зема врќата што ја носеше, ја вади лубеницата и ја брише со кошулата.Ја зема и оди кај Цане.

 ПЕЈО МЛАД: Цане, брат до кај дојде? Ја нема уште?
ЦАНЕ ЛАЖОТ: Ја нема како во земја да пропаднала. ПЕЈО МЛАД: Ами ако се стркалала на друга страна. Ти си ја закопал овде, ама таа отишла онаму...? (покажува)
ЦАНЕ ЛАЖОТ: Пејо, сега и дрндупка ќе си играш со мене?!
 ПЕЈО МЛАД: Не, само така велам... Чекај да наѕрам до кај си ( ѕирка во дупката) Уште малку, при крај си. (го остава уште некоја лопата да фрли и му вика) Чекај! Стој! Да не си мрднал. Ете ја. Ја гледам. Оди поназад да ја извадам јас да не ја расчеречиш.
( Цане Лажот се тутка на едната страна насмен до уши, срецето ќе му летне. Пејо клекнат покрај дупката, офка стенка небаре ја вади. Потоа се исправа со неговата лубеница во рацете )
Цане, брат на очиве не можам да си поверувам.
 ЦАНЕ ЛАЖОТ: Каква е, Пејо каква е?
ПЕЈО МЛАД: Ами како да ти кажам...Машала, тежи во раце не можам да ја држам. Ох,ох,ох мискојна мириса. Лична пре лична, а сега ќе ја расечам да ја пробам...
ЦАНЕ ЛАЖОТ: Не! Не Пејо. Не ја сечи!
 ПЕЈО МЛАД: Море, што стоиш уште со превезот на очи.
 ЦАНЕ ЛАЖОТ: (го трга парталот од пред очи, прво замижан,а потоа се ококорува) Леле, леле, да пукнам, не ми се верува ( сака да ја фати)
ПЕЈО МЛАД: Бегај бе ќе ја извалкаш, глеј каков си.

 9.СЛИКА. Седнати двајцата во дворот, лубеницата пред нив во бела крпа на тепсија. Пејо му се чуди на умот, а Цане воодушевен од лубеницата. 

ЦАНЕ ЛАЖОТ: Е, што ти бил марифет. Друг да ми кажеше немаше да му поверувам. Фала ти Пејо, фала ти. Ваква лубеница и од Стамбол да нарача, намќорон нема да најде.Сега да го видам што мана ќе ми најде.
 ПЕЈО МЛАД: Ко очите чувај ја до утре, да не се стори нешто.
 ЦАНЕ ЛАЖОТ: Пејо, да му го кажам, марифетот, што велиш?
ПЕЈО МЛАД: Демек курназ сакаш да се правиш, а? А, бе Цане, како да ти речам...ами кажи му ама нема да ти верува...
-крај-

No comments: