Monday, November 4, 2013

Uciliste za mazi Tv scenario "Avanturite na Itar Pejo"







                                                УЧИЛИШТЕ ЗА МАЖИ

                                                      Наташа Мирческа


                                                      Септември 2013


Ликови:
Пејо
Попот
Учителката Галена
Стојанка
Митра
Весела
Цанејца
Жени
Мажи




1.Ент: Седнати под плотот, зад куќа. Пејо и Попот разговараат нешто сериозно. Мафта Попот со рацете му објаснува на Пејо...

Попот:
Не, Пејо! Оваа работа не може ни на сон да биде! Добро, море, сакаш жениве од селово жив да ме одерат! Леле, леле, а бе еве вака дел по дел ќе ме кубат, ќе ме черечат....Не, барај друг за оваа работа јас не можам...Божји човек сум Пејоооо...(се прекрстува) Аман Господи!
Пејо:
Попе, само ти и никој друг! Ами тамн, затоа што си Божји човек тебе ќе те послушаат...Е ај кажи кога жениве не те послушале : „ Трпејце зелник да месиш Господ да се слади“ – оп Трпејца зелник! „Стојанке, косата задуши ако ја чешлаш Господ поубаво ќе ти го гледа лицето“ – Стојанка се чешла зад уши! „Весело низ двор кога одиш фустанот поткренат држ го да не ти се валка“ – ете ја Весела до појас гола низ двор се шета....Кажи дали не е така?
Попот:
Пејо, тоа е друга работа! Наша, селска, да ни личи селото. Што мислиш ти Господ неќе убавини да гледа? Сака и тој е чедо божјо!
Пејо:
Ами?!
Попот:
Ни ами ни неами! Ова што го бараш може да ни навлече голема беља.
Пејо:
Ама барем пробај. Направи муабет, собери ги кажи им, побарај дозвола од нив. Ако биде биде ако не никому ништо.
Попот:
(се чеша за главата)
Велиш така само да ги прашам?! Оф, море, ќе го кркам јас стапот штом со тебе сум фатил работа...Ама ај...да сторам лаф муабет...одоколу да прашам...Ама со сила не и ако речат не не и ќе биде.
Пејо:
Ако речат не, не ама ако кандисаат со твој збор јас цела година дежурен да бидам!
Попот:
Зошто?
Пејо:
(со восхит, возбудено, демонстрира)
Оооо, убавина! Секој ден ќе и ја бришам, вода ладна ќе нoсам, ронките од ужината ќе ги собирам...ако треба пред да седне на столчето перничето ќе и го потклавам.
Попот:
Уф, катара една, јзк...(со иронија) Аха ти само мислиси дека така ќе биде! Туку јас да одам дури сум со овој ум та ја ќотек ќе изедам, ја...нема да се вратам...
Пејо:
Оди Попе, јас овде ќе те чекам.


2Ент. Во селски двор. Попот ги собрал жените од селото. Сите се тука. Која седи која стои. Попот се тапка, му е страв да почне, се слуша глас

Женски глас:
Попе, кажувај што имаш за кажување зелникот ќе ми прекисне. А бе работа си имаме. Да бевме попадики тамн ќе ни беше, вака се кусо ни е...
(се смеат)
Попот:
(промрморува)
Оооф денес животот ќе ми се скуси! (им се обраќа на жените) Чеда Божји...вие  секој ден доѓате кај мене да ми ги онадите...овај да ми ги кажите вашите маки. И така јас мислев, мислев и смислив како да ви помогнам. Како да речам, се мака имате најмногу од вашите мажи! Некој малку, некој повеќе, ама не ги бидува! Не ги бидува за ништо. И затоа си реков да ги пратиме на училиште тро од тро да си го изучат занаетот... Да научат како да речам,да се онадат со вас, мили да ви бидат, петелот три пати на ден да им пеј! Бидува ли?
Стојанка:
На кое училиште црни Попе, ти мајтап тераш со нас?  Кој ќе ги учи, ти? Твоето училиште сите го изучивме ( се смеат)
Попот:
Не, вели Стојанке така. Ами сите знаат дека ти најмногу сакаш да повторуваш! А на мажите ваши им треба учителка. Некоја што знае да чита да пишува, била по светот, видела...Да им каже, да им покаже вие себаб од тоа да видите.
Митра:
Еве Попе мене да ме главиш за учителка. Еее има да ги научам се, од  А до Б.
(вреват жените и се нафрлаат на Митра, попот ги смирува)
Попот:
Митро, право да ти кажам те бива за учителка, ама писмо познаваш? Од портана твоја најдалеку имаш дојдено до кај мене... в цркава...И што ќе ги научиш? Туку, ај вие договорете па нека дојде....која е на ред за денес, да ми каже другото јас ќе го средам. Ич ама ич да не се секирате. Оооо има да ги напрајме пуфка овие суртуци мариовски!

3.Ент. Импровизирана соба – училница. Сите мажи поседнати, седат чекаат да дојде учителката. Тука е и Попот. Никој, освен Пејо незнае која е учителката, а тој не е присутен.
Попот:
Слушајте ваму, немој далавери да прајте, да ме срамите. Кога ќе влези учителата, добар ден да речете, домашната мора да ја сработите и слушајте што ви кажува, не гледајте, слушајте, ме разбравте.
( влегува учителката Галена, дотерана, со стапче врака, со очила, сите се скаменуваат, подзинуваат ко телиња)
Учителката:
Добар ден! (строго) Сите сте тука? ( никој збор не зборнува) Од денес почнува училиштето за мажи, мора да бидете редовни, да ме слушате и да го правите она штој јас го велам. Јасно! (штама)
(се слуша тропање на вратата)
Учителката:
Напред!
(влегува Пејо со полна корпа јајца и сунгер подмишка)
Пејо:
Учителке, добредојдовте. Јас малку задоцнив ама заради вас. Сите селски буништа ги преорав сите јајца ги собрав, пресно снесени, колку без ич квачени.Ами учителка селска без јајца не бива.
Учителката:
Пејо, ако уште еднаш задоцниш, неоправдан.
Пејо:
Ќе се оправдам, учителке после часој. Еве и сунгерче донесов.
Учителката:
Седи Пејо да почнеме.
(Пејо седнува и крева рака)
Учителката:
Кажи Пејо?
Пејо:
Физичко кога ќе имаме?
Учителката:
Вадете ги тетратките и пишувајте.

4Ент. По неколку недели. Жените селски в меана заседните се смеат кафе пијат, си гледаат, расположени, живнати. Попот и Пејо ѕиркаат од зад портата.
Стојанка:
Господ, Попот да ни го поживее,што убајна ни стори. Камо пред некоја година мажите на чколија да ни ги пратеше.
Весела:
Што ти било ука да имаш. Море на учителката алав да и е! Онај мојот цел ден домашна решава: научи кокошка да окуби, сарма да свитка, а гледам под креветот и плетало држи, кај да е и шал ќе ми сплете.
(се смеат)
Митра:
Митре мој како научи да мава со пиралкна, алиштата по бели никогаш не биле!
Цанејца:
Ајде жени кажете, со последната лекција како поминавте. (гласно се смеат) Цане мој влегува дома и ми вели: Цанејце собуј ги опинците, од денес јас ќе ти ги тријам петиците. Сакам по селоно на налани боса да одиш.....
(се смеат)
Попот:
Пејо брат ја цапнавме работата. Без служба останав. Поќе никоја не иди на онадење.
Пејо:
Попе, што си посеал тоа ќе ти никне. Арно рекле „Господ да те чува од женска беља„ Попе, голема беља не снајде дури е посовреме дај распушти го училиштето. Капата си ја сменивме ама умот не си го менуваме. Море како дојде веков, за лошите рај, а за арните маки без крај.



-Крај-