Sunday, July 3, 2011

Наташа Мирческа,2005

ПАЈАЖИНАТА

Се плашеше да ги затвори очите.По долгиот и мачен разговор со него којзнае од каде и поминаа низ глава разните нешта кои некогаш им се случуваа. Тука во нивниот дом. Рамномерното отчукување на малиот часовник кој секока вечер гледаше во нејзиното лице, беше сојузник со неговото еднолично вдишување и издишување кое речиси и да не го слушеше.
Се подисправи и скришум го ѕирна за да биде сигурна дека навистина спие. Бледа сенка од сјајот на месечината го откриваше неговиот профил кој тонеше во сон беспрокорно мирен и едноставен. Мислите и се распливаа. Се чуствуваше како плен фатен во џиновска пајажина. Имаше време кога надеждта ја претвораше во дива ѕверка.Обидите да се одлепи од тоа лепливо и гнасно нешто беа толку силни што се случуваше да види како пајакот кој идејќи кон неа се оближуваше од задоволството кое си го намислил, бега кинејќи ја својата плетка. Имаше... Ама овој пат пајажината беше густа, црна веќе залепена за нејзината кожа,зариена во нејзиното месо стигната до нејзината душа. Ниту покривката која ја имаше врз себе неможеше да го потисне ужасното чуство на голотија од која само коските не се гледаа. Конечно ги затвори очите.Сакаше да го види пред себе тој подмолен убиец како и се смее влице додека плетејќи ја својата пајажина иде да и го зададе последниот удар. Немаше никој.
Се разбуди пред да заѕвони будилникот.Тој веќе беше заминат. Празно одекнуваа отчукувањата на часовникот. Се запраша зошто и треба будилник?
Зошто упорно го тера да ја буди секое утро во исто време.Будилникот заѕвони и времето за одговор помина.
Чуствуваше блага главоболка која и го притискаше тилот,а кутијата за кафе беше празна. Безволно му даде шанса на огледалото да и се насладува на нејзината става додека врз себе ги ставаше старите алишта за низ дома. Огледувајќи се зад себе, горе над комодата виде пајажина која се нафатила над кутијата во која чуваше дрангулии. Се сврти, се пресигна и ја грабна.Почна силно да ја трие со рацете.
Картонот не издржа, низ собата се растурија илјадници мали нешта кои со години ги чуваше далеку од дневната светлина.
Луто се потпре на голите коленици на подот, пркорувајќи се за сопствената несмасност предизвикана од куќниот плетач на мрежи. Потем без било каков знак замина - далеку од себе...
Ја немаше видено неколку години.Пет - шест... можеби повеќе. На времето беа неразделни. Сочасови, денови, години делеа буквално се што ќе им се случеше или испречеше на патот. Некојпат и ќе се скараа но тоа кратко траеше, се до последниот пат кога и немаше кавга но премолченото до денес, не го надминаа и двете. Да, во приказната нема ништо ново, причината беше Тој. Го обожуваја се додека љубовта им ја делеше грабајќи им ја и давајќи им ја подеднакво. Еден ден, тој, зачна луда идеја во која место имаше само за една!
Како никогаш до тогаш, заедно и двете, се обидоја да му покажат и докажат дека тие се едно исто. Не можат една без друга, не значат една без друга...залудно. Помина време. Толку многу и двете правеа се за него што несакајќи почнаа да ги потиснуваат своите желби и мечтаења, стремежи и предизвици. Сопствената слобода ја заробија во неговите предрасуди и останаа сами во својата немоќ. Се загубија во површноста, немаа повеќе што да си кажат.
Едно рано пролетно дождливо утро секоја од нив се разбуди сама. Не се побараа, не се видоја, не се ни слушнаа. Очигледноста не можеше да се скрие. Тој забележа. Следеше период во кој напорот да се совлада самотијата даде резултати.
Наместо со неа таа сега разговараше со него.
Наместо со неа таа сега одеше секаде со него.
Без неа таа сонуваше за него.
Наместо од неа таа помош бараше од него...
За жал се траеше премногу кратко. Нему му се смачија разговорите, проблемите, соновите, потребите.
Нему му се смачи таа.
Развратно почна да ја бара неа.
Се чуствуваше бедно во сознанието дека до сега скоро се радуваше и ликуваше на сопствената победа. И беше тешко да признае дека таа е таа која изгуби. Тонејќи во сопствената бездна никогаш повеќе не се сети...до денес.
Картонската кутија веќе не можеше да си ја врши својата намена. Беше бескорисно испрекршена со сеуште видливи траги од пајаковата мрежа, залепена на неа. И се разбудија сеќавањата. Тука беше дури и дебелиот црн молив со кој, некогаш, секогаш ги подвлекуваа зборовите за кои мислеа дека се нивни.
Без да побараат дозвола солзите кои се браздеа по нејзиното лице истурија река горчина оставајќи црна трага од моливот во нејзините раце. Ниту сакаше, ниту можеше да запре. Ги извлече нозете од под себе, ја потпре главата на комодата и бараше сила самата да го слушне сопствениот крик кој ја притискаше во градите. Не се чу ништо.
Со навлажнетите раце пак ја дофати картонската кутија. Трагите од пајажината сосема исчезнаа од влажниот допир. Се исправи и седна над масата. Зеде голем чист лист и внимателно да не ја извалка неговата белина од црните флеки на нејзините раце, со стариот дебел молив напиаша:„Ти ми требаш мене“.
До листотго остави моливот. Си ги изми рацете, ги собра дрангулиите во нова кутија. Ги подвлече зборовите што ги напиша, листот го свитка на половина и го стави над ситниците во кутијата, го зеде моливот во раце и седена да си поприкажат.
Имаа толку многу работи што една на друга сакаа да си ги кажат уште денес...додека тој не се вратил дома.