Monday, September 16, 2013

Две пијај едно плати - сценарио ТВ серија Авантурите на Итар Пејо 2013

ДВЕ ПИЈАЈ ЕДНО ПЛАТИ

Наташа Мирческа Април 2013  

Ликови:
 Итар Пејо стар
 Итар Перјо млад 
Меанџијата 
Жената на меанџијата 
Гатачката
 Трајко глупиот
 Веле лудиот 
Човекот - инспектор

1.Ент. Во меаната. Пејо стар сам е внатре. Седи на маса и се обидува да вдене конец во игла. Не успева и се нервира. Жена му на меанџијата, зад шанк, работи, мие, бриши, ама гледа Пејо што прави. По неколку неуспешни обиди на Пејо, меанџиката буричка во креденецот зема нешто (очила) ги става во џеб и оди кај Пејо. 

Меанџиката: Е, на што личи ова?! Си го згрешил дуќанот. Ова не е шнајдер, ова е меана!
 Пејо стар: Доста, мори! Оди бркај си ја работата, остајме раат...Тууу да не ми зборнеше ќе го пикнев.
Меанџиката: ( се отепува од смење, се витка пред него, тој ја гледа ококорен како нетокму да е така што се смее) Да пукнеш! Ме изнасмеа! Ако го пикнеш, давам ракија на цела кафана! (се смее)
Пејо стар: (вика) Меанџи! Оооој меанџи! Ела ваму, приберисија вересијава...оти после мене ќе ми се лутиш! (и се обраќа на меанџиката) Иш мори, чумо една, доста, престани! Сега кога ќе се задај онај твојот пердуј од тебе ќе летаат. Види ја. Доста, ќе речи сум те скокотнал, цел месец не ќе можам да влезам ракија да се напијам. Шшшшт!
 Менаџиката: Ајде де! Си ме скокотнал! (вика) Ела меанџи, Пејо ме скокотна под левата мишка! (се смее и му се оптегнува на маса. Пејо ко попарен станува, бега подалеку в раце држи игла и конец)
Пејо стар: Ете, човек не може еден чорап на раат да си закрпи, веднаш инцидент! Не туку се прпелкај, стани веднаш и оди тури една ракија и стој подалеку од мене, треба чорапот да си го закрпам утре ќе одам на Попадијата штаве да и наберам! Слушаш!
Меанџиката: ( станува и предизвикувачики оди на кај него) Аааа, чим е за Попадијата...Ја имаш незе скокотнато? Таа не оти има скокот. (се смее) А, бе како до мишка и стигнуваш, носи две поткошули, блуза и кошула.
Пејо стар: (чекори нанзад се залепува за шанкот, нема каде да оди, меанџиката се поблиску до него) Ииии, ебаго, ти знаеш?! Тебе Попот да не ти кажал! Ништо чудно! (вика) Меанџи, дај една ракија!
 Меанџиката: Јас ќе ти дам! Сакаш ракија, а?! Ами после не ќе можеш да го пикнеш конецот во иглата, ќе ти се тресат рацете. (му се доближува ептен и почнува да го скокотка. Пејо подрипнува се брани му паѓаат од раце иглата и конецот)
Пејо стар: И, ами сега! А мори што си ти денес вака непрокопсана, што ми се припна. Ете ми ја загина иглата, конецот! Сега чорапот! (Меанџиката се фрла на коленици и лази низ меана ја бара иглата и конецот) Стани, стани веднаш! Брзо еве го меанџијата иде! Стани не ме земај на душа забадијала, скинат чорапот скинат, така ќе си го носам! Стани, еве бос ќе одам. Меанџиката: Море ќе ја најдам иглата ако треба и во стог сено ќе ја барам ама ќе ја најдам. (му се врти и станува на коленици) Пушти душа, биди раат. Не гледаш никој денес нема во меанава! Меанџијата не е тука. Отиде кобила да купува. На сите им кажа, дека денес нема да биде тука, да знаат да не идат...ама изгледа тебе ко за маж не те есапи, а...(пак оди на кај Пејо ама сега на коленици)
 Пејо стар: Покрај тебе зошто му е кобила? ( се сменува сега, се петели)
Меанџиката: Пејо, ако ја најдам иглата устата ќе ти ја сошијам!
 Пејо стар: (клекнува и почнува да лази да ја бара иглата, сега двајцата лазат) Е, де, ова сфати го како компирменд! (лази накај незе, зад незе)
Меанџиката: Комплимент се вика, Пејо! Комплимент! И зошто да го сфатам како комплимент! Пејо стар: (тамн да ја фати одпозади, таа спиштува. Пејо скока на нозе и пак бега подалеку) Ништо не ти направив ништо! Не те ни допрев! Немој сега! Ама не те фатив!
(Меанџиката плаче, офка, иглата си ја закачила на рака. Пејо сфаќа што е работата, му олеснува. Оди ја вади иглата од раката на меанџиката)
Оооо, ништо нема ништо..ќе помине. Еве сега јас ќе ти ја бакнам раката и готово ќе помине... (меанџиката почнува да го удира, да го турка од себе, за час се смируваат двајцата седат на земја еден до еден.
(Меанџиката си ги брише солзите, Пејо ја гледа иглата)
Пејо стар: Мооорее како ја искриви! Ко чингелајче ми ја направи!
Меанџиката: (ги вади очилата од џеб и му ги подава) На, да си го вдениш!
Пејо стар: (ги клава очилата и ја гледа иглата) Оооо, и Св. Петар сега не може да го вдене, а бе оваа е скроз наскорз крива.
Меанџиката: Остај. Ќе ти дадам јас нови чорапи.
 Пејо стар: Ами игла?
Меанџиката: (му се втурнива вскут и почнува да плаче. Пејо е збунет. Меанџиката липа,плаче) Пејо, многу сум несреќнааааа! Што судбина имааам! Кај го најдов кај го запустив!
 Пејо стар: Кој? Што најде?
Меанџиката: Ем, циција, ем намќор, ем болен љубомореееен!
 Пејо стар: Да, бе, навистина е циција!. Вода бадијала не дава! Ти верувам, тешко ти е. Ама не е крив човекот, така наречниците му рекле и тоа е!
Меанџиката: Кој наречници?
Пејо стар: Првата, втората или третата... една од нив е, ама која е!
Меанџиката: Можат тие да преречат уште еднаш, тро да го опрајме човеков и јас убајна малку да видам?
Пејо стар: Ееее, ами како не може. Ти не си ми кажала до сега, а право да ти кажам се чудам оти и мене не ми текнало... Да го поправат да не е повеќе циција!
Меанџиката: И намќор да не е и да не е љубоморен.
Пејо стар: Морее, убајни една плати две пијај...за мерак

2.Ент. Кај Веле Лудиот, во шталата. Пејо млад и Трајко глупиот стојат пред штала муабетат, се гледа Пејо нешто го кандисува. Прво влегува Трајко, потоа Пејо. Веле лудиот прави експеримент: држи огледало пред кравата и повторува: огледалце огледалце мое кажи ми на светот најубаво кравиче ко е . Не ги забележува дека се влезени и во занес го прави својот експеримент. Пејо и Трајко гледаат. Трајко е воодушевен, а Пејо не може да си поверува на очите и ушите. 

Веле лудиот: Огледалце,огледалце мое кажи ми на светот најубаво кравиче ко е!
Трајко глупиот: Муууууу!
(Веле реагира,очекувано изненаден од резултатот карвата одговара, проба пак)
Веле лудиот: Огледалце,огледалце мое кажи ми на светот најубаво карвиче ко е!
 Трајко глупиот: Муууууу!
Веле лудиот: Огледалце,огледалце мое кажи ми на светот најубаво карвиче ко е!
Трајко глупиот: Муууууууууууу!
Веле лудиот: (го врти огледалото кон себе) Огледалце огледалце мое кажи ми на светот најубаво кравиче кое е?
Пејо малд: ( му ја затвора устата на Трајко пред да почне да мука, со длабок глас) Веле лудаку ти си најглупиот вол во цело Мариово и пошироко!
Веле лудиот: ( во научна катарза) Успеав! Леле мори мајко, успеав! Измислив волшебно огледало!
Пејо млад: Алал да ти е! Само незнам Трајко како ќе го измислиш ,ваков каков што е, уште сто пати, за да може да и мука на секоја крава што ќе се гледа во огледало.
Веле Лудиот: (збунет, станува свесен за нивното присуство) Да не сте му кажале никому додека не го пријавам изумов!
Пејо млад: Кај ќе го пријавуваш, кај попот или кај оџата? Веле чие е огледалото?
 Веле лудиот: Незнам. Го најдов фрлено на буниште.
Пејо млад: Ами како го измисли ако си го нашол?
 Веле лудиот: Пејо не се мешај , комплицирано е не можеш да сфатиш.
Трајко глупиот: Ама на џорбаџијана можеш да му го фатиш! ( се смее )
 Пејо млад: Со кого сум фатил работа! Дај огледалото. Стој, гледај и слушај. Ела бе ти ваму (му вели на Трајко, застанува пред Веле и вели) Огледалце огледалце мое кажи му на Веле најглуп вол на светот кој е?
Трајко глупиот: Муууууу!
 Веле лудиот: Заради вашето присуство експериментот ми пропадна. Но, се случува тоа. Јас ќе го повторам обидот и ќе ви докажам дека измислив волшебно огледало. Сега кажете зошто дојдовте, побрзо зашто имам работа.
 Пејо млад: Ми треба да измислиш некоја наука. Трајко кога ќе појде во меана да нарача една, а да испие две ракии. Две да пие една да плаќа.
 Веле лудиот: ( се замислува) Ами ако испие три?
Пејо млад: Една да плати, та колку ќе испие нека испие.
 Веле лудиот: Каква ракија?! Од сливи, од грозје, од круши...
Пејо млад: Види го сега! Не комплицирај, секаква ракија, а може и вино.
 Веле лудиот: Со или без чаша вода?
Пејо млад:Вода од чешма ќе пие. Ти сконцентрирај се на главното: две да нарача една да плати...Разбираш!
Веле лудиот: Разбрав...разбрав...само што ракија да мерам...Трајко, што би рекол ти?
Трајко глупиот: Мууууу

 3. Ент. Во меаната. Тука е и меанџијата. Меанџиката ги служи гостите, тој гледа. Влегува Пејо стар, седнува сам на маса. Веднаш по него влегува гатачката и оди право кон меанџијата.

Гатачката: Добар ден менанџи! Машала што те личи вака. Од кога ја купи кобилана на арно се смени.
Меанџијата: Добар ден и да си знаеш денес без пари не давам ништо.
Гатачката: Не ми ја земај работата! Јас во твојата не се мешам, немој ни ти во мојата. Меанџијата: Што зборуваш мори?! Каква работа...
Гатачката: Немој сега на удрен да се правиш. Цела меана слушна!
Меанџијата: Што слушна?
 Гатачката: Си станал видовит.
Меанџијата: Јас?!
Гатачката: Ти. (се чуди меанџијата) И да си видел, треба да си молчиш од поштовање према мене.Колку работи јас сум видела за тебе па не сум кажала, ееее.
Меанџијата: Ни сум видел нешто ни сум чул.
 Гатачката: Ами од кај знеш тогаш?
 Менџијата: Што?
 Гатачката: Дека немам пари.
Меанџијата: Леле, да те избркам или сама ќе си одиш? Не ми се прави паметна. Денес не давам ништо без пари, јасно!
Гатачката: Сега ќе фрлам јас гравче, ќе видам веднаш што мака те снашла...еве веднаш... (оди право на масата кај Пејо. Седнува и фрла гравче на маса и гледа. Пејо заинтересиран за гатањето. Двајцата зјапаат во гравчињата и почнуваат да викаат)
Пејо стар: Ауууу!
Гатачката: Цук, цук, цук (низ заби ццка)
Пејо стар: Аааа, па, па, па
Гатачката: Ете, што било! Пу, пу, со помин да е! (вика) Меанџи! Брзо! Не е за пред сите! Меанџијата: Собирај го гравот и заминувај! Не паѓам јас на твоите лаги. Ти во огледало да се видиш нема да се познаеш, мене ќе ми гледаш. Ајде, сакам раат луѓето да ми седат во меанава. Гатачката: Меанџи, ако не ме послушаш пишман ќе бидеш. Трите наречници, вечерва, на полна месечина ќе ти преречат. Како ќе кажат така ќе биде. (Меанџиката го слуша ова и се возбудува,почнува да се крсти и моли желбите да и бидат исполнети. Менаџијата ја гледа и не му е јасно што се случува. Трга гатачката да ја исфрли од меаната, Пејо го запира)
Пејо стар: Чекај меанџи не си оди против судбината. Ти не верувај и ама немој отпосле шубе да те фати. Нека каже што ќе ти каже и нека си оди, еве јас една ракија ќе и платам.
Меанџијата: Држи ме Пејо оти ќе ја тепам! Ајде зборувај и заминувај. ( и се обраќа на гатачката)
 Гатачката: Меанџи, утре во меаната ќе ти влезе човек ќе држи нешто во рацете. Внимавај три пати ќе ти влезе...Ќе нарача две ракии. Ти две да му туриш, една да му платш. Тие препраени наречниците твои се...Не ги лути за арно да ти преречат...
Менџијата: Пејо, носи ја надвор од меанава оти ако преречам јас уште еднаш, тешко незе ќе биде... И да не си ми влегла повеќе ... Таа мене...не сум јас будала да и верувам... (Пејо ја собира гатачката и ја вади надвор, се гледа како и дава малку пари за гатањето на менаџијата)

 4. Ент. Кај Веле во шталата. Пејо млад, Трајко глупиот и Веле лудиот.

 Пејо млад: Кажувај Веле што наука измисли. Уште тро ќе треба Трајко да го пратиме в меана да видиме дали марифетот ти успеал.
 Веле Лудиот: ( зафаќа позиција како небаре америка ја открил) Да се знае и да се зпише! На денешен ден Веле, најголемиот научник во светот и цело Мариово, пронајде, марифет кој на Трајко ќе му овозможи секој ден во меаната да пие по две ракии, а да плаќа една. Ако ме прашате, како дојдов до ова генијално решение...
Пејо млад: ( го замолчува на среде збор) Ништо не те прашуваме, давај да видиме што е тоа. Веле лудиот: (гордо и самоуверено вади пред нив бакалска бела книжна кеса) Повелете, тоа е тоа. Внимателно, количините се ограничени.
Пејо млад: (не му се верува, ја зема ја гледа, не му е јасно) Веле, мислиш дека јас сум поглуп од Трајко?
Трајко глупиот: Колку е убава и бела, алал да ти е Веле!
Пејо млад: Не си крив ти, туку јас што фатив работа со тебе! Што е ова, на бакал ќе одиме? Барем хартија за понадвор да ни дадеше, ќе ја искористевме, оваа за што? (нервозно ја шири кеста и му ја става на Трајко на глава)
 Трајко глупиот: Што убаво вака само бело гледам! Веле, да спијам вака може?! Веле лудиот: Очигледно не знаете како да го користите мојот пронајдок. Сега ќе ви покажам. Следете ме внимателно, процедура е во прашање.. (импровизира меана, маса столица од трупци. Го седнува Трајко како гостин, Пејо да е меанџија) Имате ракија?
Пејо малд: Трајко вади ја ракијата. ( од пазуви Трајко вади шише ракија, му ја подава на Пејо,Веле му дава табла со две чашиња)
 Веле лудиот: (објаснува и дејството се одигрува) Значи, јас сум Трајко и одам во меана. Иде меанџијата нарачувам две ракии. Тој ми носи. Си седам си пијам. Кога ја испивам едната ракија чашето го ставам во бакалската кеса. Го пијам другото. Го викам меанџијата да му платам. Тој гледа на масата едно чаше и ми наплаќа една ракија. Така пијам две, а плаќам една ракија. (станува се поклонува, Трајко му штрака, Пејо се држи за глава)

5. Ент. Во меаната. Двајца тројца гости и Пејо стар. Сите седат на по една маса. Меанџијата стој и посматра, меанџиката служи, мие... Влегува Трајко глупиот со бакалска кеса во рацете. 

Трајко глупиот: (седнува кај Пејо на маса) Добар ден меанџи! Море како сум жеден. Меанџике, брзо дај две чаши вода и една ракија!
 Пејо стар: (му прави ишарети дека згреши, ама Трајко не копча) Ах, бе Трајко, жед со вода не се убива. Напи се ракија, две чашиња.
Трајко глупиот: Така е Пејо, во право си. Меанџике брзо две води и една ракија. (му намига на Пејо) (меанџиката му носи,меанџијата гледа. Трајко внесен во задачата пронајдокот да ги испроба веднаш ја пие едната чаша вода и ја става чашата во кесата. Ја пие ракијата и другата вода, сето набрзина)
Трајко глупиот: Ај, да платам. Меанџиката: Дваест денари. (Трајко пресреќен, пронајдокот функционира, плаќа и со кесата враце трга да си оди. Пејо жално го гледа) (Трајко излегува Веле влегува исто со кеса враце)
Веле лудиот: Добар ден добри луѓе! Мореее, жештина. ( и тој седнува кај Пејо) Пејо, да ти кажам нема да веруваш. Што сум измислил...
Пејо стар: Немој не кажувај! Напи се нешто освежи се.
Веле лудиот: Ај, меанџи две ракии!
Меанџијата: Веле, се разбираш во сатој?
 Веле лудиот: Ееее, и онај во Прилеп што беше навален го испрајв. Зошто?
Меанџијата: Си купив еден од пазар, два дена работеше и се расипа. Ај види што му е. (му носи рачен часовник и две ракии. Веле го гледа го врти, го превртува)
Пејо стар: Веле, напиј се ракија дај јас да го видам саатот. ( Веле му го дава саатот, пие ракија, чашето го става во кесата, во меѓувреме Пејо го курдисува саатот и му го враќа на Веле. Веле наслушува саатот проработил)
Веле Лудиот: Меанџи, готово, еве го работи како нов.
 Меанџијата: (иди, гледа саатот работи) Браво Веле, алал да ти е! Е за ова, ракијата ти е од мене! (Пејо си ја чука главата од маса, не му се верува. Веле станува да си оди. Меанџиката иде да собере од маса и на Пејо му шепоти)
Меанџиката: Пејо, устата да ти се позлати. Наречниците му пререкоја. Еве пушти душа веднаш, не зеде пари за две ракии, сега да го пробам ако не е повеќе љубоморен, цела недела ракија без пари ќе пиеш.
 ( во тој миг во меаната влегува непознат човек. Дотеран со бела книга во рацете, се гледа дека е од град)
Човекот: Добар ден! Денов прекрши ама ако аирлија да е. Гледам сте завршиле работа и одмарате.
 Меанџиката: (почнува да се врцка околу него, се топи) Добар ден! Повелете, добре ни дојдовте. Сигурно се изморени. Седнете, седнете, убаво е овде кај нас! Повелете.
 Меанџијата: Меанџике, дојди ваму, јас ќе го послужам гостинот. (Пејо сфаќа што се случува и ја зема работата во свои раце. Оди кај меанџијата )
 Пејо стар: Меанџи, не запнувај, не се црвени, остај ја меанџиката да си ја врши работата најубаво како знае. Нели гледаш човеков е од далеку.
 Меанџијата: Пејо, гледај си ја работата. Што знаеш ти.
Пејо стар: Малку знам јас меанџи, малку. И тоа што го знам ќе ти го кажам. Што ти рече гатачката. Ќе влезат тројца, ќе носат нешто во рацете. Ами нели забележа. И Трајко и Веле, а сега и овој со бели книги во рацете дојдоа? А?
Меанџијата: И што врска има тоа. Сигурно овие ти се наречниците. Дошле да те видат од блиску и повторно да ти преречат.
Меанџијата: (се чеша на глава и мрмори нешто) Море Пејо, не ми ставј шубе, нема такви работи.
Пејо стар: Ти си знеш. Само не вреди за една ракија, животот да си го згорчиш.
Меанџијата: Меанџике, ајде што чекаш послужи го гостинот, што ќе јаде, што ќе пие! Меанџиката: Ајде, повелете. Ќе се напиете нешто. Многу убава ракијата ни е.
Човекот: Ајде тогаш да ја пробам. Донесете ми една ракија.
Меанџиката: Е, како една, не сте со една нога, господ да чува. Ние овде велиме една како ниедна. Треба две да почуствувате.
 Човекот: Добро тогаш нека бидат две.
Пејо стар: Меанџи, овој е третата наречница. Сто посто. 
Меанџијата: Како рече гатачката, да му наплатам само една, така.
Пејо стар: Една меанџи. Две пиј, една плати.
Човекот: Многу ми се допадна и меаната и ракијата, да платам ако може.
Меанџијата: (оди кај него) Може, може. Дваест денари.
Човекот: Како дваесет денари? Колку чини ракијата?
Меанџијата: Кога ќе влезе убав човек во убава меана, ракијата чини дваесет денари.
Човекот: Јас испив две.
 Меанџијата: Наздравје да ви се. Дваест денари.
Човекот: Убаво, интересно, благодарам. Во тој случај имам и јас за вас нешто. Но прво да ви платам. Повелете. (му палаќа) А сега, дозволете да ви го врачам решението за работа на вашата меана. Не ми наплативте по редовна цена, не ми дадовте сметка, што значи вашата меана во следните дваесет дена ќе биде затворена . Ви благодарам и до гледање.
 Меанџијата: (позеленува од бес, вика урла) Пејоооооо!
 -Крај-

No comments: